Зинедин Зидан повторно е тренер на Реал Мадрид. Францускиот стратег го прифати предизвикот и за помалку од 300 дена откако си даде отказ, повторно се врати на „Сантијаго Бернабеу“. Популарниот Зизу од денеска веќе ја презема одговорноста, а досегашниот тренер Сантијаго Солари оди во аут.
Со Зидан на чело на Реал Мадрид освои три титули европски првак, а кога тој реши да си замине, во Реал се случи „бродолом“. Неговиот наследник Хулен Лопетеги издржа неколку месеци, а потоа дојде и Солари. Ниту аргентинскиот стратег не издржа многу, а повторно како спасител се враќа Зидан.
Замената на Зидан со Солари потсети на едно видео од меч на Реал во Купот на Шпанија во 2001 година. На тој меч, Солари беше стартер, но во текот на мечот мораше да излезе од игра и на негово место влезе токму Зидан. Таа измена на фудбалскиот терен сега е пресликана на тренерската клупа. Солари мора да оди во аут за да влезе Зидан.