Скапотијата ја „раситни“ Фалангата, денеска поддршката за ракометарите ќе биде помала

Голем број навивачи на македонската ракометна репрезентација вчера си заминаа и денеска Фалангата сигурно ќе биде во помал број од вообичаеното.

Причините се повеќе, а главна е големите финансиски трошоци. Доколку некој сака да ги гледа сите шест меча во Вараждин, требаше да одвои околу 400-500 евра само за билети за натпреварите. Кога на ова ќе се додадат и 12-13 ноќевања и патните трошоци (во Вараждин нема многу хотели и други сместувачки капацитети, па многумина се сместени во Загреб или околината на Вараждин што носи дополнителни трошоци за бензин), јасно е дека не може секој да си го дозволи тоа, особено ако е семејство од 3-4 члена.

Тука треба да се додаде и отсуството од работа, некои навивачи не може да земат толку многу слободни денови, туристичките агенции имаа аранжмани само за првата фаза и нивните автобуси полни со фанови веќе се вратија во Македонија.

Револт предизвикува зголемувањето на цените на билетите за средбите во Вараждин за втората фаза, зголемени се и чинат од 80 до 100 евра. За споредба, во „Арената Загреб“, каде што исто така ќе се играат натпревари од втората фаза, билетите се пуштени во продажба по 40, 60 и 80 евра.

Тука е и некоректниот и груб однос на третиот меч, кога редарите често влегуваа во конфликт со сите што го носеа поранешното државно знаме на Македонија. Сето тоа по наредба од Светската ракометна федерација, ИХФ, која ги казни и РФМ за испадите на навивачите, но и Хрватите за лоша организација по мечот Македонија – Холандија, кога судиската двојка со пристрасна арбитража ја испровоцира македонската публика.

Македонските навивачи како да беа „трн во око“ некому и покрај тоа што без нив Вараждин делува празно и тивко, а ако идејата беше да се намали бројот на Фалангата на Светското ракометно првенство, мисијата е успешна, но кому оди тоа во прилог? Сигурно не на кафулињата и рестораните низ Вараждин, како и на оние луѓе што изнајмуваат сместување.

Колку сме толку сме, ракометарите секако ќе имаат поддршка, можеби намалена отколку на првите мечеви, но тие што ќе бидат во сала, ќе ги дадат целото срце и целио глас и ќе има со кого да се сподели радоста ако победиме против Австрија денеска од 15.30 часот.

- Оглас -

Најнови вести