Репрезентациите на Македонија и на Австрија во Вараждин од 15.30 часот го отвораат вториот круг од Светското првенство. Селекторот на Австријците, Алеш Пајовиќ, препозна многу слични карактеристики и направи паралели со својот тим.
„Тие се борат, покажуваат срце и карактер. Токму како моите момци,“ нагласи 46-годишниот стратег.
По победите над Кувајт и Катар во Пореч, австрискиот селектор е убеден во успех.
„Оган, срце, поддршката од трибините, енергијата од клупата – ако продолжиме вака, оптимист сум дека можеме да освоиме бодови и во Вараждин“, нагласува Алеш Пајовиќ.
Австрија досега умешно ги надополни загубите на капитенот Микола Билик, како и бековите Јанко Божовиќ и Борис Живковиќ, а селекторот вели дека повторно ќе биде тактичка интелигенција и трпеливост во офанзивните акции, но и смиреност на ракометарите кога Македонија ќе биде „жестока“ на теренот.
„Против Холандија, Македонците добија седум исклучувања од по две минути, два црвени картони и предизвикаа дванаесет удари од седум метри – нешто што треба да се искористи. Тие многу играат низ средишниот дел и тука ќе биде опасноста. Мораме да останеме смирени во тешките моменти што ќе дојдат“, изјави Пајовиќ.