Хрватскиот гигант Динамо Загреб е на прагот да реализира нов голем трансфер на фудбалер во европски гигант. Зделката ќе чини 15 милиони евра, а фудбалер од средниот ред, Петар Сучиќ, е на чекор до трансфер во Интер.
Според информации од Италија, Сучиќ би потпишал договор со актуелниот шампион, но на клубот би му се приклучил дури во летниот преоден рок, по завршувањето на сезоната.
Причината за оваа одлука е двојна. Прво, Интер сака Сучиќ да ги помине целосните подготовки со тимот и да се аклиматизира на новата средина пред почетокот на следната сезона. Второ, Сучиќ моментално е сериозно повреден, има скршеница на метатарзалната коска и очекува враќање на терените за околу еден и пол месец, односно во март.
Според италијанскиот „Калчомеркато“, оваа трансфер-операција би чинела околу 15 милиони евра, што се смета за стратешко вложување на новите американски сопственици на Интер, кои сакаат да ја подмладат екипата и да вложуваат во млади талентирани играчи.
Петар Сучиќ дојде во Динамо Загреб од Зрињски само за 200.000 евра и во период од година и пол одигра 60 натпревари за Динамо. Во септември 2024 година дебитираше за репрезентацијата на Хрватска и досега има пет настапи.