Македонија има минимална негатива против Австрија од 13-14 во меч од Светското ракометно првенство за мажи. Во салата во Вараждин нема многу публика како на првите три средби на коишто играше нашиот национален тим, но играчите имаат поддршка од малубројната Фаланга, која и денеска е нивен осми играч.
Македонскиот тим добро го отвори натпреварот, поведе со 3-1, постојано имавме предност, највисоката беше три гола (7-4 во 16-тата минута), но тогаш Австрија направи серија од 3-0 и изедначи.
Кузмановски, кој е прв стрелец на ова Светско првенство, својот прв и засега единствен гол денеска го даде во 20-тата минута од пенал. Од него се чека да преземе поголема улога во нападот во вториот дел иако противниците многу внимаваат на него.
На серијата од 3 -0 им вративме со иста мерка, па дојдовме и на 10-7 на осум минути до крајот на првото полувреме. Се играше на бранови, Австрија пак израмни, па и поведе со 12-11, па селекторот Лазаров побара тајмаут. Во финишот двата тима дадоа по два гола и на одмор се оди со 14-13 за противникот.
Марко Митев со 4 гола е прв стрелец кај Македонија во првите 30 минути.