Ракометната легенда Веселин Вујовиќ, кој во минатото на кратко ја водеше и Македонија, сега како катарски селектор ќе има дуел со тимот на Кирил Лазаров. Утре, со почеток во 15.30 часот во Вараждин, Македонија игра со Катар, а според популарниот Вујо, Црвено-жолтите ќе бидат благи фаворити за победа.
„Ја гледам Македонија и според начинот на којшто игра, трча, се бори, прави голем чекор кон модерниот ракомет. Мислам дека Лазаров избра поперспективни ракометари наместо некои поквалитетни. Нема да биде лесно да го кренам тимот по ваквиот пораз од Холандија, лошо е чувството. Македонија повеќе ни одговара отколку брзата Холандија, ќе се обидеме да одиграме најдобро што знаеме. Би рекол дека Македонија е благ фаворит поради полетноста и младоста. Посакувам добар меч и нека победи подобриот“, рече Вујовиќ.