Српскиот напаѓач Лука Јовиќ се наоѓа пред важна одлука дали да ја продолжи кариерата во Монца. Милан му дозволи без обесштетување да го напушти клубот, а извршниот директор на Монца, Адријано Галијани, му постави ултиматум од 48 часа да одлучи дали ќе потпише за тимот, кој моментално е последен во Серија А.
Милан се обиде да го продаде Јовиќ летото 2023 година, но тој одби да си замине надевајќи се на нова шанса, која не ја доби. Оваа сезона има само четири настапи и нема постигнато гол. Од пристигнувањето во Милан летото 2023 година, Јовиќ постигна вкупно девет гола и запиша две асистенции во 34 натпревари.
Во јануари се шпекулираше дека може да премине во Монако, каде што тренер е Австриецот Адолф Хутер, со кого Јовиќ соработуваше во Ајнтрахт Франкфурт. Во периодот од 2017 до 2019 година Јовиќ блескаше во Франкфурт, особено во сезоната 2018/19, кога постигна 27 гола и седум асистенции во 48 натпревари. Тоа му донесе трансфер во Реал Мадрид за 63 милиони евра.
Во Реал Мадрид помина сезона и пол без да ги оправда очекувањата, по што се врати на позајмица во Ајнтрахт, каде што под водство на Хутер постигна осум гола и делумно ја оживеа кариерата. Сепак, по враќањето во Реал, не продолжи со добрите настапи. Во 2022 година, како слободен играч, потпиша за Фиорентина, каде што постигна 13 гола во 50 натпревари.
Јовиќ ја напушти Фиренца само по една сезона и премина во Милан, каде што сега клубот повеќе не смета на него. Дали Монца ќе биде неговата следна дестинација, останува да се види во следните 48 часа.