Хрватскиот првак Динамо Загреб вечерва има голем предизвик, и тоа на гости кај Арсенал во меч од седмото коло во Лигата на шампионите. Според сите параметри, почнувајќи од квалитетот на играчите, буџетот на екипите, па и фактот дека Арсенал е домаќин го прави англискиот тим голем фаворит.
Сепак, Динамо сезонава покажа дека знае да изненади и во шест меча освои осум бода, што значи дека теоретски уште има шанси да се надева на место кое води во нокаут-фазата од ЛШ.
Овој дуел ќе биде и огнено крштевање на Фабио Канаваро, кој неодамна беше назначен за нов тренер на Динамо. Некогашниот освојувач на Златната топка е мајстор за дефанзива, па не случајно се очекува на „Емирати“ во Лондон, Динамо да биде со засилена одбрана.
Според најавите, засилена ќе биде одбраната со петмина, а десната бековска позиција е загарантирана за Стефан Ристовски. Како дефанзивен играч за врска ќе биде и Арина Адеми, еден од најискусните играчи на Динамо.
Не треба да се заборави дека Адеми има и победа над Арсенал како играч на Динамо. Тоа се случи во 2016 година, кога во групната фаза на „Максимир“ хрватскиот првак славеше со 2:1.
Арсенал и Динамо имаат одиграни вкупно четири меча и сите завршиле со три погодоци. Арсенал има две победи од 3:0, еднаш Топчиите се радувале со 2:1 и споменатиот успех на Динамо од 2:1.
Според најавите, ова треба да биде стартниот состав на Динамо против Арсенал.