Адеми по поразот од Арсенал: „Сега веќе немаме избор, одиме на победа против Милан“

Динамо Загреб загуби од Арсенал со 3-0 и падна на 26-тата позиција на табелата во Лигата на шампионите, па сега ќе му биде потребна победа над Милан во последното коло на „Максимир“ за да се надева на пласман во разигрувањето. Поранешниот македонски репрезентативец, Аријан Адеми, по мечот изјави дека неговата екипа не игра лошо, но сега ќе мора да го добијат последниот меч.

„Поразот е тежок, а победата на Арсенал е заслужена. Секогаш зборуваме дека мора да ги издржиме првите 15-20 минути, а ние примаме гол уште во втората минута. Потоа е многу комплицирано да се вратиме назад, посебно против екипа како Арсенал. Јас би рекол дека бевме добри, го издржавме притисокот и го ставивме натпреварот под контрола по примениот гол. Имавме и добри шанси за гол, но против ваква екипа треба да постигнеш гол за да се надеваш на нешто повеќе, а ние не успеавме. Сега немаме избор, одиме на победа против Милан. Имаме квалитет и сигурен сум дека тоа ќе го покажеме на терен“, рече Адеми.

Нашиот фудбалер беше заменет во 59-тата минута поради повреди, но вели дека сè ќе биде во ред.

„Добив удар во листот во првото полувреме. Зинченко кога шутна, ме погоди и добив затегнување“, додава Адеми.

- Оглас -

Најнови вести