Популарната Фаланга беше осмиот играч на македонските ракометари на првите три меча во Вараждин на Светското првенство, а потоа бројката на наши фанови многукратно се намали и се потврди дека не е сеедно дали на трибините има 2.000 или 200 Македонци.
Меѓу навивачите и новинарите владее мислење, а така мисли и катарскиот селектор Веселин Вујовиќ, дека ако на трибините имаше македонски навивачи како во првата групна фаза, ќе ја победевме Австрија и со тој бод плус ќе имавме подобри шанси за четвртфинале отколку вака, кога ќе ни треба чудо за да успееме.
Денеска од 15.30 часот Македонија игра со Катар, а каква и да е атмосферата во салата, нашите веќе се навикнаа и на поголема и на помала галама и тоа нема да значи помала мотивација. Важно е да се извојува победа, а потоа за крај в сабота против Франција да има поголема поддршка за тимот на Кирил Лазаров.
Жалиме за испуштените победи, но тоа мора да се заборави, денеска имаме незгоден противник и ќе треба поддршка за тимот, макар и само од оние најупорните кои останаа и имаа купено билети за двете групни фази и уплатено сместување во Хрватска за 12-13 дена.