Тренер со искуство во НБА лигата е нов „кормилар“ на Пелистер

Кошаркарите на Пелистер и официјално имаат нов тренер, откако раководството на битолчани одлучи да ја прекине соработката со Александар Петровиќ. Нов тренер на Пелистер ќе биде 64-годишниот Србин, Ненад Трајковиќ, кој во својата кариера има работено и во НБА лигата.

Трајковиќ во својата кариера бил асистент, но и главен тренер на белградски Партизан, селектор на младинската репрезентација на Југославија, но и на сениорите на Босна и Херцеговина. Трајковиќ бил дел и од стручниот штаб на Реал Мадрид, но и на Кливлед. Последниот ангажман го имал во Студентски центар од Подгорица.

„Искусниот српски стручњак ќе седи на клупата на Пелистер до крајот на оваа натпреварувачка сезона. Ненад Трајковиќ е тренерот што ќе го води Пелистер во вториот дел од оваа натпреварувачка сезона откако управата на нашиот клуб постигна договор за соработка со овој ценет и успешен тренер. По одлуката за повлекување на Александар Петровиќ, одлуката на раководството на КК Пелистер беше оваа функција да биде доверена на искусен тренер со беспрекорно реноме во регионот. Трајковиќ (64 години) ја почна тренерската кариера како асистент во Партизан, а во периодот од 1999 до 2001 година беше и шеф на стручниот штаб на прославениот српски кошаркарски колектив. Има работено како помошен тренер во Реал Мадрид, извесен период беше и селектор на младинската репрезентција на Југославија, а Трајковиќ мина една сезона и во НБА-лигата, како дел од стручниот штаб на Кливленд кавалирс. Во 2014 година беше и селектор на репрезентацијата на БиХ, а последен ангажман му беше како предводник на Студентски Центар, успевајќи да го внесе овој тим во елитното друштво на АБА-лигата. Доаѓањето на Трајковиќ во Битола се очекува во текот на утрешниот ден, а српскиот стручњак ќе дебитира на клупата веќе на мечот со Гостивар закажан за сабота. Домашниот дуел со Гостивар, тим што ни е должник од првиот дел од сезоната е одлична можност за вртење на нов лист и почеток на нова победничка серија, на натпревар пред верната битолска публика. Му посакуваме многу среќа на новиот тренер и имаме апсолутна доверба во неговите квалитети, со надеж дека под негово водство ќе ги исполниме зацртаните цели за оваа натпреварувачка сезона.” – се вели во соопштението на КК Пелистер.

- Оглас -

Најнови вести