Францускиот тенисер Корентан Муте жестоко ги критикуваше судиите на Отвореното првенство на Австралија поради одлука на мечот против Американецот Кригер, што резултираше со парична казна од 15.000 долари за непримерно однесување и навреди.
Инцидентот се случи кога судијата досуди двојно отскокнување на топката во корист на Кригер, што предизвика бурна реакција од страна на Муте. Во текот на мечот францускиот тенисер упати серија навреди, обраќајќи се и кон својот стручен штаб.
„Како можат да им плаќаат на овие луѓе? Како? Зошто вака ги трошат парите? Евра, австралиски долари, што било! Сериозно, човеку! Секоја вечер судиите се опиваат тука, а потоа следниот ден уништуваат мечеви. Како е ова возможно? Се борам секој ден за да бидам тука, а тие ја уништуваат играта. И јас треба да останам смирен? Како?“, рече Муте.
Реакциите на Муте ескалираа со текот на натпреварот.
„Покажи ми повторена снимка! Како можеш да донесеш ваква одлука? Престани да се однесуваш како да не е ништо. Грешката е твоја, а мене ме казнуваш. Имаш само една работа да гледаш и не можеш да ја завршиш како што треба. Лудо е!“, продолжи тој.
Иако беше опоменат поради неговото однесување, тоа не го спречи да продолжи со критиките.
„Ме казнуваш бидејќи не сум смирен? Тоа е твоја грешка, а мене ме казнуваш! Секогаш е истото. Грешите, а се чудите зошто сме лути. Лудо е! Ти си виновен, а мене ме казнуваш. Губиме време поради тебе. Како е ова возможно?“, изјави Муте, нагласувајќи дека судијата е непознато лице без искуство на вакви натпревари.
И покрај контроверзниот меч, Муте славеше против Кригер, но во следното коло беше поразен од младиот американски талент Лернер Тијен, кој претходно ја шокира тениската јавност со елиминацијата на Данил Медведев.