Јокиќ блескаше во триумфот на Денвер, ЛА лејкерс го победи шампионот Бостон

Никола Јокиќ повторно блескаше и прикажа неверојатна партија за Денвер нагетс. Српскиот кошаркар постигна 35 поени, забележа 22 скока и имаше дури 17 асистенции, што е негов личен рекорд оваа сезона, додека Денвер нагетс славеше над Сакраменто кингс со 132-123.

Јокиќ го запиша својот 20-ти трипл-дабл оваа сезона, што го поставува на врвот на НБА-лигата во оваа категорија. Интересно е дека дури 14 од нив ги остварил уште пред крајот на третата четвртина.

Синоќа, пред почетокот на последната четвртина, Јокиќ веќе имаше 20 поени и 20 скока. Нагетс доминираа, водејќи со +22 на полувреме, а со серија од 14-5 на крајот од третата четвртина стигнаа до позитива од 25 поени. Периодот беше заокружен со спектакуларна тројка на Јокиќ од својата половина, постигната со звукот на сирената.

Јокиќ влезе во историјата како единствениот играч покрај Вилт Чемберлен кој постигнал 35+ поени, 20+ скока и 15+ асистенции на еден натпревар. Но, Јокиќ направи нешто што ни Чемберлен не успеал – четири последовни трипл-дабла, играјќи помалку од 36 минути во секој од тие натпревари.

Шутот од својата половина, кој го постигна на крајот од третата четвртина, е шестиот најдолг погодок во историјата на НБА. Јокиќ оваа сезона бележи просек од 30,1 поен, 13,2 скока и 9,9 асистенции. По мечот, тој изјави дека бил убеден дека ќе го погоди кошот во моментот кога ја испуштил топката со звукот на сирената.

Ова беше четврта последовна победа за Денвер. Покрај Јокиќ, значајна поддршка дадоа Брус Браун со 21 поен и Мајкл Портер јуниор со 20.

ЛА лејкерс го победи шампионот Бостон селтикс со 117-96 благодарение на одличната игра на Ентони Дејвис, кој постигна 24 поени, и на Леброн Џејмс (20 поени, 14 скока, 6 асистенции).


Леброн Џејмс стана трет најстар играч со ваков ефект на еден натпревар, зад Карл Мелоун и Мајкл Џордан.

Милвоки бакс го победи тимот на Мајами хит со 125-96. Демијан Лилард беше блиску до трипл-дабл со 29 поени, 11 асистенции и девет скока, Јанис Адетокумбо заврши со 25 поени и 12 скока, а Гери Трент јуниор постигна седум тројки.

Далас Маверикс на гости ја победи Оклахома со 115-121. Спенсер Динвиди постигна 28 поени, а Кајри Ирвинг додаде 24 за Далас, кои играат без Лука Дончиќ речиси еден месец.

Резултати: Орландо – Портланд 79-101, Атланта – Торонто 119-122, Оклахома – Далас 115-121, Милвоки – Мајами 125:-96, Денвер – Сакраменто 132-123, Голден Стејт – Чикаго 131-106, ЛА лејкерс – Бостон 117-96, ЛА клиперс – Вашингтон 110-93, Индијана – Сан Антонио 110-140.

- Оглас -

Најнови вести