Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перес, морал да најде вистински начин за да го убеди Зинедин Зидан да се врати на тренерското место на „Сантијаго Бернабеу“. По заминувањето на Зидан, Реал падна во криза, па сезонава им е за заборав бидејќи многу веројатно е дека нема да освојат ниту еден трофеј.
Ниту Хулен Лопетеги, кој го наследи Зидан, а ни Сантијаго Солари, кој дојде по Лопетеги, не успеаа да го задржат нивото на игра што го наметна Зидан во претходните три сезони. Популарниот Зизу кога реши да си замине, многумина шпекулираа дека тоа има врска со заминувањето на Кристијано Роналдо и тоа што Перес сакал да му се меша околу составување на тимот.
Сега Зидан сигурно нема да го има тој проблем. Најавено е дека ќе има целосна слобода, но и дека ќе добие пари за да купи три суперѕвезди. Кога се зборува за екстра засилување на Реал, веднаш првата асоцијација е на Еден Азар. Најдобриот играч на Челзи веќе подолг период е на радарот на Кралскиот клуб, но засега нема ништо од трансферот.
Освен Азар, секако на листата се и двоецот од Пари Сен Жермен, Килјан Мбапе и Нејмар. Бразилецот Нејмар е голема желба на Реал бидејќи на тој начин ќе му нанесе двоен удар на вечниот ривал Барселона. Пред да замине во ПСЖ, Нејмар играше за каталонскиот гигант.