Македонија загуби од Франција со 32-25 на последниот натпревар од Светското првенство во Вараждин и втората фаза ја заврши на четвртата позиција на табелата, што на крајот ќе значи и пласман на 15-тата позиција во конечниот пласман. Селекторот Кирил Лазаров е задоволен од прикажаното, им честита на момците за постигнатото, но вели дека можеби можевме и повеќе.
„Мислам дека треба да бидеме задоволни. Јас очекував тежок натпревар, се работи за Франција. Воопшто не нѐ потценија, мислам дека играа со 90% од своите сили, не сакаа во ниту еден момент да го доведат натпреварот во прашање. Кај нас се покажа неискуството. Мислам дека одигравме еден квалитетен натпревар, во еден страшен ритам, можеби уште подобар ритам од натпреварот со Холандија. Ова е едно големо искуство за нашите играчи, да играат против една ваква Франција. Игравме и лани на Европското првенство во Германија, каде за да ги сопреме форсиравме игра седум на шест. Сега игравме шест на шест, воопшто не е лесно да се следи овој ритам, давате гол – ви враќаат веднаш. Правиме по една или две измени, а ние се уште немаме таков концепт. Имаме предности, но и лоши страни, а селекција како Франција сигурно дека ќе ги открие вашите слаби страни и ќе ги казни. Тоа и се случи. Жал ми е за трите промашени пенали во првото полувреме. Доаѓавме до чисти позиции, кои не ги користевме, меѓутоа ова е шестти натпревар и тоа против Франција. Треба да бидеме задоволни, но можеме да жалиме за многу работи ако гледаме севкупно. Во еден момент кога ја гледавме табелата, почнавме да им одземаме по еден бод на Австрија и Унгарија, а да ги додаваме кај нас и плус натпреварот со Холандија, каде мислам дека во нормални услови најмалку би биле во егал, затоа што тие покажаа дека не се толку доминантни против другите репрезентации. Големо искуство за сите нас, пред се за младите играчи. Добар турнир, треба да бидеме задоволни и треба да научиме многу лекции. Мислам дека ова е едно големо искуство за младите играчи, да се носиш со вакви големи ѕвезди, кои секоја година освојуваат трофеи, а ние доаѓаме со играчи од македонска лига. Им честитам на сите играчи, на комплетниот стручен штаб, со мала горчина дека можевме повеќе.“ – рече селекторот на ракометната репрезентација на Македонија, Кирил Лазаров.