Баерн Минхен официјално го потврди трансферот на младиот голман на Келн, Јонас Урбиг. Баварците ќе платат 7 милиони евра, со дополнителни 3 милиони евра во можни бонуси. Дваесет и едногодишниот Урбиг потпиша договор до 2029 година.
Голманот ќе го носи дресот со број „40“ и најверојатно ќе дебитира за Баерн во претстојниот натпревар против Холштајн Кил овој викенд.
Во текот на оваа сезона, Урбиг одигра 11 натпревари за Келн, на кои прими 22 гола и успеа да сочува две чисти мрежи. Покрај тоа, тој има осум настапи за младинската репрезентација на Германија.
„Баерн е еден од најголемите клубови во светот. Горд сум што сум дел од овој тим и со нетрпение очекувам да ги запознаам моите нови соиграчи. Мојата цел е секојдневно да работам професионално и да продолжам да се развивам во голманската група со Мануел Нојер“, изјави Урбиг.
Спортскиот директор на Баерн, Кристоф Фројнд, е среќен што во клубот го доведе најталентираниот германски голман.
„Среќни сме што го реализиравме овој трансфер со оглед на иднината на клубот. Јонас Урбиг е еден од најперспективните млади голмани во германскиот фудбал, многу амбициозен и со огромен потенцијал. Тој е модерен голман кој со својот стил на игра совршено се вклопува во филозофијата на Баерн“, истакна Фројнд.