Репрезентацијата на Хрватска се пласира во полуфиналето на Светското првенство во ракомет откако со 31:30 ја победи Унгарија, и тоа на меч кој се играше во „Арената“ во Загреб.
Неверојатна беше завршницата бидејќи на шест минути до крајот Унгарија водеше со 30:26, а на крајот Хрватска со серија од 5:0 стигна до победа. Последниот гол, кој беше победнички, беше постигнат буквално во последната секунда од средбата.
Хрватска добро го започна мечот и поведе со 4:2, но потоа следуваше шоу на Унгарија. Гостите со серија од 8:2 стигнаа до висока предност од 10:6. Унгарија водеше и со 13:10, но Хрватска се врати во игра и стигна до 15:15, а на полувреме беше 16:16.
Во второто полувреме Хрватска имаше предност од 21:20, но потоа со четири гола во низа Унгарија стигна до 24:21. Потоа беше 24:24, а на 8 минути до крајот Унгарија имаше четири гола предност, 29:25, а потоа и 30:26 во 54-тата минута.
Коцкестите не се предадоа и предводени од голманот Пешиќ, кој имаше три одлични одбрани и одлична игра во нападот, израмнија на 30:30 во последната минута од мечот. Унгарците го имаа последниот напад, но одбраната на домаќините беше челична. Хрватска имаше 10-тина секунди за последен напад, топката дојде до Шипиќ, кој од линијата од шест метри буквално во последната секунда успеа да погоди за победа и делириум на трибините во загрепската „Арена“.