Германската полиција во Штутгарт уапсе дури 59-мина навивачи на ПСЖ и тие нема да може да го гледаат натпреварот од Лигата на шампионите на стадион, а од полициска станица ќе бидат пуштени во четврток, кога ќе може да се вратат дома.
Апсењата следуваа по строгите контроли кои полицијата ги спровела на железничките станици, но и во хотелите во кои биле сместени навивачите на Светците.
„По интензивна истрага и блиска соработка со полицијата од Париз, француските хулигани се пронајдени на главната железничка станица и во различни хотели во Штутгарт. Откриен е различен материјал за маскирање, а со цел да се избегнат сериозни судири пред натпреварот, француските хулигани ќе бидат задржани во притвор до четврток наутро“, се вели во соопштението на полицијата во Штутгарт.
Истовремено, забрана за присуство на натпреварот добија и 47-мина навивачи на Штутгарт, за кои се верува дека имале намера да учествуваат во инциденти. Тие нема да можат да се движат и по улиците околу стадионот, но и во центарот на Штутгарт.
Двете екипи имаат по 10 бода, па евентуална победа ќе им донесе загарантирано место во разигрувањето, додека пораз може да значи и елиминација.