Ракометната репрезентација на Хрватска во финалето на Светското првенство против Данска утре од 18 часот во Осло најверојатно ќе може да смета и на Лука Циндриќ, најави селекторот Дагур Сигурдсон.
Данците ќе се обидат да ја освојат својата четврта последователна титула светски шампион, нешто што ниту една репрезентација досега не го постигнала во историјата на светските првенства. Тие се огромни фаворити, а за Хрватите и пласманот во финалето е неочекувано и голем успех.
„Никој не очекуваше да бидеме финалисти, па ни Данците. Разговарав со данскиот селектор Николај Јакобсен пред турнирот, се смеевме, ниту еден од нас не го очекуваше ова. Ќе биде забавно да се игра против нив. Тие се неверојатно силни. Не само што победуваат, туку се и убедливи. Елегантни се, играат одличен ракомет. Клучот ќе биде одбраната, голманите и нападот. Мора да бидеме добри во сите делови“, рече Сигурдсон.
Исландскиот стручњак беше прашан за состојбата на Лука Циндриќ, а тој одговори позитивно.
„Циндриќ мислам ќе биде подготвен за утре. Ќе видиме, денеска имаме уште еден тренинг“, додаде Сигурдсон.