Салах го надмина Лампард, Евертон го даде најбрзиот домашен гол во историјата на Премиер лигата

Ливерпул славеше на незгодното гостување кај Борнмут со 2-0 и побегна на девет бодови пред Арсенал во трката за титулата.

Мохамед Салах беше стрелец на двата гола. Египќанецот сега има 178 голови во Премиер лигата, и изби на шесто место на вечната листа, симнувајќи го Френк Лампард кој има 177, на седма позиција.

Салах се израмни со Тјери Анри на листата на фудбалери кои во пет сезони во Премирр лигата даваат барем 20 голови. Пред нив се само Ширер со 7 такви сезони, и Агуеро и Кејн со по 6.

Едниот гол на Салах беше од пенал. Мо утна пенал на истиот овој стадион во Борнмут во март 2023, па се извади за грешката од пред две години кога беше трагичар во поразот на Ливерпул. Салах дојде и до јубилеј од 300 клупски голови во кариерата.

Борнмут сезонава дома ги победи Арсенал и Манчестер сити, минатото коло го разбија Нотингам со 5-0, но Ливерпул е нешто друго. Црешите имаа шанси, но не ги користеа и беа казнети.

Денеска беше виден и четвртиот најбрз гол во историјата на Премиер лигата, а најбрз кој го постигнал еден домашен тим. Творец на рекордот е Абдулаје Дукуре од Евертон кој погоди против Лестер после само 10,18 секунди игра. Апсолутниот рекорд на Премиер лигата го држи Шејн Лонг од Саутхемптон кога во 2019 година против Вотфорд даде гол после само 7,69 секунди игра.

- Оглас -

Најнови вести