Сребро е, но на градите на хрватските ракометари сјае како злато. Илјадници хрватски навивачи и граѓани дојдоа денеска на главниот плоштад во Загреб да ги поздрават хероите кои го освоија второто место на Светското првенство во ракомет. По цели 16 години, Хрватите повторно играа финале, имаа неверојатен мундијал и заслужија да го прослават огромниот успех со своите навивачи кај Бан Јелачиќ.
Со песните на „Прљаво Казалиште“ беше најавено доаѓањето на ракометарите, а потоа на сцената дојде и Марко Перковиќ Томпсон, човекот кој ја пее неслужбената химна на ракометната репрезентација на Хрватска.
Факли, песни, овации за сите, но најмногу за легендарниот капитен Домагој Дувњак и за ексвардарецот Игор Карачиќ, кои со овој огромен успех и ставаат крај на репрезентативната кариера.