Хрватскиот фудбалер Јаков Јелкиќ, по кого се трагаше неколку дена, беше пронајден мртов во Аликанте во Шпанија. Младиот 24-годишен Хрват бил пронајден во морето, а веднаш по пронаоѓањето на телото, било констатирано дека на него нема никакви траги од насилство.
Полицијата се сомнева дека несреќниот фудбалер починал откако во текот на ноќта паднал во морето, а бил под дејство на алкохол.
„Веруваме дека се работи за несреќен случај“, рече портпаролот на полицијата во Аликанте во телефонски разговор за ХИНА.
Јелкиќ бил во Аликанте заедно со дел од своите соиграчи. Фудбалерите решиле во петокот вечерта да одат на забава, а потоа заминале кон хотелот. Јелкиќ се вратил назад во клубот да ја земе јакната, а дел од камерите кои го забележале неговото движење потврдуваат дека фудбалерот сам излегол од клубот, и тоа околу 2:30 часот наутро.
Следното утро соиграчите не го пронашле Јелкиќ во својата соба во хотелот и го пријавиле неговото исчезнување.
„Започнавме истрага со дронови и го баравме низ целиот региот. Секој полицаец во Аликанте знаеше за неговото исчезнувањео. Се работи за спортист, чие губење не е вообичаено“, вели гласноговорникот на градот во којшто живеат 360.000 жители.
Телото на хрватскиот фудбалер било пронајдено во морето покрај пристаништето. Пронајдено било на еден километар од ноќниот клуб, а таа дестинација може да се помине пешки за десетина минути. Обдукцијата покажала дека во градите имало морска вода и затоа заклучокот е дека фудбалерот се удавил.