Точно пред 40 години, на денешен ден во болницата „Др. Нело Мендоса“ во градот Фунчал, кој има само 100.000 жители, се роди Кристијано Роналдо дос Сантос Авиеро. Уште како седумгодишно момче започнал сонот на малиот Роналдо да стане фудбалер. Првите фудбалски чекори ги прави во локалниот Андориња, а тогаш сигурно никој не бил свесен дека го имаат детенцето кое неколку децении подоцна ќе биде еден од најдобрите фудбалери на сите времиња.
Сега, на 5 февруари 2025 година, Роналдо уште е активен фудбалер и не само што игра, туку уште е незадржлив за противничките одбрани. Дека годините за Роналдо се само бројка, покажува и фактот дека откако наполнил 30 години до денеска, односно во овие 10 години има неверојатни бројки зад своето име. Португалецот одигра 543 натпревари, во кои постигна неверојатни 460 гола, а имаше и 102 асистенции.
Во неверојатната кариера Роналдо како професионалец започна во Спортинг, а во 2003 година направи трансфер во Манчестер јунајтед. На „Олд Трафорд“ го покажа целиот раскошен талент, а во 2009 година го облече дресот на Реал Мадрид. Роналдо во Кралскиот клуб ги помина најдобрите денови од кариерата. Во Реал беше девет сезони, а неверојатен е податокот дека во 438 меча постигна дури 450 гола.
Од Мадрид следен предизвик му беше Јувентус, каде што играше три сезони и заврши со биланс од 101 гол во 134 средби. Потоа се врати во Манчестер јунајтед, но не се прослави затоа што се скара со раководството на тимот, па реши да си замине и направи неочекуван трансфер во Ал Наср во Саудиска Арабија. Роналдо заработува 150 милиони евра годишно, уште е најплатен фудбалер во светот, а на теренот е незадржлив за противниците.
Освои пет Златни топки, блескаше во сите екипи во коишто играше, се радуваше на трофеи речиси во сите натпреварувања во коишто беше дел и едноставно и сега кога наполни 40 години, Роналдо уште блеска.