Ракометарите на Данска го освоија четвртото злато по ред на Светските првенства откако во финалето во Осло ја совладаа Хрватска со 32-26. На доделувањето на одличјата можеше да се забележи дека данскиот селектор, Николај Јакобсен, освен медалот кој му следува, зеде уште два и ги стави во џеб.
Мистерија беше зошто го направи тоа, но Јакобсен даде објаснување за неговата постапка.
„Ги зедов за Кевин Мелер и Јакоб Холм. И тие се заслужни за ова злато“, кусо одговори Јакобсен.
Двајцата беа дел од репрезентацијата на Данска за Светското првенство. Голманот Мелер го напушти првенството бидејќи чекаше дете, додека Холм беше резерва, но не успеа да дојде до минутажа.