Барселона во четврток го игра мечот од четвртфиналето од шпанскиот Куп против Валенсија на гости. Каталонците само пред десеттина дена играа против Лилјаците и победија со убедливи 7-1, но во есенскиот дел на „Местаља“ победија со минимални 1-2, и тоа со пресврт.
„Утре нѐ чека натпревар, а потоа и во недела. Утре доцна ќе се вратиме бидејќи натпреварот со Валенсија се игра во 21:30 часот, а во Барселона ќе бидеме меѓу три и четири часот наутро. Потребни ми се сите фудбалери здрави и подготвени за игра. Добро се сеќавам на нашиот прв овосезонски меч против Валенсија. Игравме на нивниот стадион, атмосферата беше напната, но и одлична. Успеавме да победиме, но дури по пресврт. Утре не можеме да го освоиме трофејот, но затоа можеме да останеме без него. Не сакаме тоа да ни се случи, ќе дадеме сè од себе за да победиме“, рече Флик.
Германскиот стручњак на клупата на Барселона од еден од новинарите доби прашаење во врска со протестите од Реал Мадрид за судењето.
„Не ме интересираат протестите од Реал Мадрид за судењето. Тоа е нивен избор и нивна работа. Ние поинаку гледаме на работите. Тие имаат свои причини за таков пристап, но јас поинаку би направил“, одговори Ханси Флик.