Машката ракометна репрезентација на неодамна завршеното Светско првенство го освои 15-тото место, задоволството од игрите на тимот на селекторот Кирил Лазаров е присутно во јавноста, а екипата следниот месец игра два меча со Словенија од квалификациите за Европското првенство кое на почетокот на 2026 година ќе се одржи во Данска, Шведска и Норвешка.
Македонската репрезентација е со реални шанси да се пласира на ЕП, со оглед на тоа дека учество ќе изборат двете најдобри селекции од групата, во моментов имаме по една победа и пораз, а дури и да претрпиме два порази од фаворитот Словенија во март, во мај ќе треба да ги победиме Естонија на гости и Литванија дома за да играме на ЕП, дури и како една од најдобрите четири третопласирани во најлош случај, би требало тие два триумфи да бидат доволни за втора позиција во групата.
Ракометната еуфорија не е помината, веќе на 12-ти март во Скопје ни гостува Словенија, и со победа, па и нерешено, ќе направиме голем чекор кон нов пласман на големо натпреварување. Четири дена подоцна, на 16-ти март, пак играме со Словенија, на гости во градот Копер.
Фалангата не седи со скрстени раце, веќе се организараат за гостување во Копер, а има и туристички агенции кои нудат аранжмани со билети, превоз и сместување. Јасно е дека македонските ракометари ќе имаат голема поддршка од трибините во Скопје, но и во Копер.