Португалската футсал икона Рикардињо (39) би можело да потпише за српскиот клуб Смедерево, објавија медиуми од нашиот северен сосед.
Легендата добила одлична финансиска понуда од Смедерево, плус стан и автомобил.
Она што ги воодушевило челниците на Смедерево во разговорите со Рикардињо е тоа што го интересирало колку пати неделно тренирале, а кога слушнал дека тренинзите се двапати дневно, истакнал дека ова е вистинскиот клуб за него.
Устен договор е постигнат, а сега останува само да се средат документите, по што трансферот ќе биде комплетиран. Рикардињо во текот на својата кариера играше за: Бенфика, Нагоја, ЦСКА Москва, Интер Мовистар, АЦЦС, Пендекар Јунајтед, Рига и Екосити.
Рикардињо шестпати беше прогласуван за најдобар футсал играч на светот, а со националниот тим беше и светски и европски првак.
Инаку Смедерево во моментов е на четвртото место во српската футсал лига.