Кошаркарите на Црвена Ѕвезда продолжуваат со импресивните настапи во Евролигата, остварувајќи уште една значајна победа. По триумфите над Партизан и Асвел, Црвено-белите се вратија со успех и од Берлин, совладувајќи ја Алба со 71-77.
Во германската престолнина се водеше неизвесна битка, но тимот од Белград покажа поголема стабилност и ја обезбеди победата, со што се искачи на четвртото место на табелата. Најефикасни кај Црвена Ѕвезда беа Петрушев со 17 поени и Кенан со 11, додека во редовите на Алба, Дејвид Мекормак постигна 18 поени.
Возбудлива пресметка се одигра и во Каунас, каде Олимпија Милано го совлада Жалгирис со 87-89. Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ полека влегува во ритам по повредата, придонесувајќи со четири поени, три скока и пет асистенции за нешто помалку од 15 минути игра.
Реал Мадрид имаше еден од најслабите шутерски натпревари сезонава и запиша нов пораз во Евролигата. Турскиот гигант Фенербахче беше подобар и пред своите навивачи славеше со убедливи 78-67. Најдобар во победничкиот состав беше Нејс со 20 поени, додека кај Кралевите единствено се истакна Кампацо со 11 поени.