Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, кој ја започнува својата нова авантура во Торино, ги изрази своите очекувања за идните предизвици во Италија.
Елмас, кој пристигна на позајмица од Лајпциг, откри дека советите од Горан Пандев имале големо влијание на неговата одлука.
„Ќе вложам максимални напори за тимот. Торино има неверојатни навивачи и една од најбогатите фудбалски истории. Одлучив веднаш да ја прифатам понудата благодарение на разговорот со Горан Пандев, мојот поранешен капитен и соиграч во репрезентацијата. Разговаравме кратко и тој ми препорача да потпишам што побрзо. Му благодарам нему и на градот што ме прифатија тука. Сега сум тука за да ги прифатам предизвиците кои ги носи тренерот Ваноли. Јас сум играч кој живее за емоциите и страста на тренерот ја почувствував веднаш. Во тимот владее одлична атмосфера, составен е од многу добри момци и сметам дека сите услови се тука за успешен втор дел на сезоната“, изјави Елмас.