Дел од навивачите на Јувентус, почнувајќи од 51-вата минута на натпреварот со Наполи, се однесувале крајно непристојно и поради тоа, клубот од Торино можеби ќе биде канзет со затворање на еден сектор на јужната трибина, позади едниот гол.
Играчите, фановите и тренерот на Наполи биле нарекувани свињи, а имало и расистички извици кон гостинскиот фудбалер Кулибали.
Тројцата федерални инспектори кои биле присутни на стадионот ги документирале расистичките и другите дискриминаторски скандирања и материјалот му е предаден на спортскиот судија Џерардо Мастрандеа, кој утре ќе го разгледа случајот и ќе пресуди дали има основа за затворање на дел од трибината или Јуве ќе добие само парична казна.
Отежнувачка околност за Јувентус е што немало несогласување од останатите гледачи на трибините и, уште поважно, немањето никаква реакција од страна на спикерот на стадионот, кој требало на разгласот да побара да престанат расистичките и навредливите скандирања.