Саудискиот клуб Ал-Ахли го исклучи Роберто Фирмино од екипата на Саудиска Про лига за да го регистрира новиот играч Галено кој го доведоа од Порто.
Ова значи дека Бразилецот кој во Ал-Ахли дојде од Ливерпул, го снајде истата судбина на Македонецот Езџан Алиоски, и сега до крајот на сезонава ќе може да игра само во азиската Лига на шампиони, а не и во саудиската лига.
Веќе има клубови кои се заинтересирани за Боби и почнуваат да го убедуваат да потпише за нив, бидејќи неговото поглавје во Ал-Ахли изгледа дека е завршено, иако договорот му е до 2026 година.
Во саудиските клубови може да има најмногу 10 странци, а на мечевите од домашната лига смеат да играат максимум осуммина. Во Ал-Ахли има 12 странци, па затоа Алиоски е изоставен од листата, а сега и Фирмино.