Холандскиот гигант ПСВ Ајндховен загуби со 2:1 на гостувањето кај Јувентус во Торино, но ги задржа шансите дека може во реваншот пред своите навивачи да се избори за пласман во осминафиналето од Лигата на шампионите.
Единствениот гол за гостите од Ајндховен го постигна искусниот Иван Перишиќ. Хрватот, кој има 36 години, до пред неколку месеци играше во домашната лига за Хајдук, но потоа реши да си замине од Сплит и потпиша за ПСВ.
Во првиот дел од сезоната во ЛШ, Перишиќ немаше право да настапи бидејќи не беше пријавен, но сега во дебито од елитната лига за новиот клуб веднаш постигна гол. За Перишиќ ова е прв погодок во ЛШ по пауза од повеќе од четири години. Немаше погодено во ЛШ од ноември 2020 година, кога во дресот на Јувентус му даде гол на Реал Мадрид во поразот од 2:3. Сега Перишиќ стана рекордер во ПСВ како најстар стрелец на погодок во елитната лига на УЕФА. Хрватот има 36 години.
„Знаевме дека ќе биде тешко во Торино. Сепак, ни претстои уште еден меч, и тоа пред своите навивачи. Можеме да приредиме шоу“, оптимист е Перишиќ, кој откри дека во претходниот период имало денови кога морал да тренира и со деца за да остане во форма.
„Бев нервозен. Не беше забавно да се гледаат осум меча во ЛШ на кои не можев да играм. Сакам да му помогнам на тимот. Тренирав со У15, У17 и У19 екипите на ПСВ само за да останам фит. За среќа, стигнавме до оваа фаза и задоволен сум што повторно можам да играм во Лигата на шампионите“, потенцираше хрватскиот ветеран.