Осум екипи од денес, па сè до сабота ќе се борат за трофејот од кошаркарскиот Куп на Македонија во Гевгелија. Трофејот од минатата сезона го брани МЗТ Скопје, кој воедно е и најтрофејниот во ова натпреварување со 12 пехари.
Бранителот ќе има тешка задача уште на стартот, со оглед на тоа дека за противник ќе го има вечниот ривал Работнички. Победникот од овој меч во полуфиналето ќе вкрсти со подобриот од мечот помеѓу Пелистер и Чаир, додека во другата половина од костурот се ТФТ – Гостивар и Куманово – Кожув.
Натпреварите започнуваат во 13 часот, а дербито на вечните ривали на програмата е во 20:30 часот. Од екипите кои настапуваат на завршницата, освен МЗТ Скопје и Работнички, трофејот го има освоено само уште екипата на ТФТ, кој победи во 2022 година.
Вечните ривали се единствените кои имаат двоцифрен број трофеи, МЗТ Скопје 12, додека Работнички 10. Останатите екипи кои го имаат освоено пехарот од Купот на Македонија се: Фени индустри и Николферт по двапати, Вардар осигурување, Деликатес, Карпош Соколи, ТФТ и АМАК СП по еднаш.