Екипата на Викингур стигна до една од највредните победи во клупската историја откако со 2:1 го победи грчкиот гигант Панатинаикос. Ова беше прв дуел од нокаут-фазата во Конференциската лига за пласман во осминафиналето во третото по ранг натпреварување на УЕФА.
Интересно е дека поради недостаток на стадиони кои ги исполнуваат условите на УЕФА, Викингур како домаќин играше во Финска, но и тоа не беше препрека за исландскиот првак да направи сензација.
Според „Трансфермаркт“, тимот на Викингур има вкупна вредност од 4,3 милиони евра, додека фудбалерите на Панатинаикос вкупно се проценуваат на 101 милион евра. Тоа значи дека екипата која е 25 пати поевтина успеа да победи.
Атласон погоди во 13-тата минута за водство на Викингур, а потоа исландскиот првак зголеми и на 2:0 на почетокот на второто полувреме. Панатинаикос делуваше немоќно, но гостите од Атина успеаја да постигнат гол за 2:1, и тоа во 90+1 минута, што секако може многу да вреди за реваншот кој се игра за седум дена.
Во останатите мечеви кои се одиграа досега во КЛ: Целје – Апоел 2:2, Молде – Шемрок 0:1 и ТСЦ Бачка Топола – Јагелонија 1:3.