Еурофарм Пелистер загуби на гостувањето во Лисабон од Спортинг со 30:24 во меч од 11-тото коло во ракометната Лига на шампиони. Уште пред мечот Спортинг беше фаворит за победа, Пелистер успеа во еден дел од мечот да парира, но битолчани немаа сили до крајот да бидат рамноправни.
Спортинг поведе со 3:0, а Пелистер потоа стигна до 7:7, па по првото полувреме домаќините заминаа со предност од еден гол, 14:13. На почетокот на второто полувреме се играше гол за гол и така беше до 17:17.
Потоа следуваше серија од 4:0 за Спортинг за 21:17, а битолчани пробаа да се вратат кога намалија на 22:20, но тоа беше сè што направи македонскиот првак. Португалскиот тим заигра многу поагресивно и со нова серија од 7:1 стигна до највисоки во тој момнет 29:21, па тогаш се знаеше победникот.
Овој пораз на Пелистер беше очекуван, но неочекувано беше тоа што се случи во Париз, каде што ПСЖ на свој терен загуби од Висла Плоцк со 28:31. По оваа победа на Висла, Пелистер го загуби шестото место на табелата, каде што сега се наоѓа Висла.