Новак Ѓоковиќ не можеше да остане имун на тоа што се случува со Јаник Синер, кој доби суспензија само од три месеца откако беше потврдено дека бил позитивен, и тоа двапати на допинг-контрола. Синер, кој е број 1 на АТП-листата, ја прифати суспензијата од три месеца во која нема да пропушти ниту еден гранслем-турнир и тој повторно ќе биде активен пред стартот на Ролан Гарос во Париз.
„Синер доби три месеца суспензија поради пропуст на неговите луѓе, а тие работеа на АТП-турот. Навистина дојде моментот да се менува системот затоа што ова е многу нефер. Имаше и друг случај кога број 1, а тоа е Ига Швјонтек, која била позитивна на допинг-контрола и таа била суспендирана и тоа додека сезоната беше неактивна. За таа суспензија никој воопшто не знаеше затоа што тогаш воопшто немаше турнири. Во изминативе неколку месеци разговарав со повеќе играчи и поголем дел од нив се незадоволни како се одвивал целиот процес. Сметаат дека тоа не е фер. Многу од нив сметаат дека имало фаворизирање. Очигледно дека довербата е сè помала. Јас лично речиси и да немам доверба не само на овие случувања, туку генерално на сè. Очигледно дека има недоследности“, вели Ѓоковиќ, кој е дел од турнирот во Доха.
Српскиот тенисер се присети и на други тенисери кои биле позитивни на допинг, но не биле поштедени како што беа Синер и Швјонтек.
„Ги видовте случаите со Симона Халеп, Таре Мур и други помалку познати тенисери кои со години имаа проблеми да ги решат своите случаи или да бидат суспендирани на подолг период. Мислам дека е крајно време да се смени системот“, додаде Ѓоковиќ.