Може да игра за четири репрезентации, а тој ќе ја одбере Македонија

Талентираниот 22-годишен фудбалер Арда Окан Куртулан, кој моментално настапува во тимот на Адана Демирспор во турската Суперлига, се очекува да биде новото име во составот на фудбалската репрезенатција на Македонија.

Куртулан настапува по десната бековска линија и е дел од школата на Фенербахче. Во минатото тој има играно за младинските селекции на Македонија У19 и У21, но потоа, поради бирократски препреки и проблеми со пасошот, реши да заигра за младинската репрезентација на Албанија.

Сега, според информациите на албанскиот новинар Клаудион Реца, Арда Окан Куртулан примил повик да заигра за сениорскиот тим на Македонија и тој би бил дел во мартовскиот циклус, за кога е закажан стартот на квалификациите за пласман на Светското првенство во 2026 година.

Засега нема реакција од самиот фудбалер. Македонија на 25 март ќе гостува во Лихтенштајн на стартот од квалификациите, а три дена подоцна во Скопје ќе ја пречекаме селекцијата на Велс.

Куртулан е роден во Истанбул, а освен за Македонија и Албанија, чии национални дресови веќе ги има носено во младинските категории, постои опција да заигра и за репрезентациите на Косово или Турција. Сепак, многу веројатно е дека овој талентиран 22-годишен дефанзивец ќе ја одбере Македонија и веќе од следниот месец ќе му биде на располагање на селекторот Благоја Милевски.

- Оглас -

Најнови вести