Ѓоковиќ го прогласи Бразилецот за негов наследник, но веднаш доби „нож во грб“ од тинејџерот

Жоао Фонсека стана првиот тенисер кој е роден во 2006 година, а триумфирал на АТП-турнир. Младиот Бразилец беше најдобар на турнирот во Буенос Аирес, а со тој успех влезе во Топ 10 најмлади освојувачи на АТП-турнир.

Освен тој трофеј, Фонсека имаше одличен настап и на Отвореното првенство на Австралија, кога направи големо изненадување победувајќи го деветиот на АТП-листата, Андреј Рубљов. По таа победа на Фонсека, Новак Ѓоковиќ имаше само пофални зборови за младиот Бразилец.

„Му честитав за победата над Рубљов. Одличен е во тоа што го прави во изминативе месеци. Го следам неговиот развој. Ми се допаѓа што е храбар, има чист удар, може да кажам дека е сестран играч. Бразил е голема земја и добро е да имаат врвен играч. Уште од времето на Куертен немале таков тенисер. Секако, ова е добро за целиот наш спорт. Му реков дека дел од неговиот стил на игра ме потсетува на самиот мене, посебно кога бев на негови години. Има храброст и пред него е светла иднина“, рече Ѓоковиќ не штедејќи пофални зборови за бразилскиот тинејџер.

За младиот Фонсека велат дека може да ги надмине и Карлос Алкарас и Јаник Синер, кои се тенисерите за коишто се очекува да доминираат во следните неколку години.

Ѓоковиќ сепак ќе остане разочаран од Фонсека затоа што младиот Бразилец потенцираше дека неговиот идол е Роџер Федерер, а не Ѓоковиќ.

„Федерер е мојот најголем идол. Нема како тоа да се промени. Може да кажат дека Ѓоковиќ е најголем на сите времиња, но тоа не е мое мислење. Ѓоковиќ може да биде најдобриот на сите времиња, но за мене Федерер е најголемиот на сите времиња. Неспоредлив“, беше коментарот на Фонсека.

- Оглас -

Најнови вести