На сред меч колабираше данскиот судија кој ја „украде“ Македонија на дуелот против Холандија во Вараждин (Видео)

Во меч од 12 коло на групната фаза во Лига на шампиони, Веспрем славеше над Спортинг со 33:32 и го потврди првото место во група А. На две кола до крајот, Веспрем има 22 бодови, дури шест повеќе од второпласираниот Пари Сен Жермен.

Освен возбудливиот финиш, овој меч го одбележа и еден необичен момент. Пред крајот на првото полувреме еден од данските судии падна во несвест. Јеспер Мадсен беше на средината од теренот, кога ненадејно се затетерави и падна на теренот.

Мечот веднаш беше прекинат, а на Мадсен му беше дадена прва помош. Данскиот судија беше при свест кога го напушти теренот. Неговиот судиски партнер Мадс Хансен во договор со делегатот, остана на теренот и до крајот на средбата успеа самиот да ја дели правдата на овој дерби дуел.

Данскиот судиски пар Мадсен-Хансен не се памтат по добро во македонската ракометна јавност. Тоа беа двајцата судии кои беа главни на дуелот Македонија – Холандија на Светското првенство кое минатиот месец се играше во Вараждин. Холандија победи, а по мечот Македонија се жалеше на судењето на Данците, кои од теренот беа испратени со свирежи и фрлени предмети од трибините каде што беа македонските навивачи.

- Оглас -

Најнови вести