Македонската кошаркарска репрезентација денеска од 18 часот во Талин ќе игра против Естонија во клучниот меч од квалификациите за пласман на Европското првенство 2025 година. Македонија има само една победа од четири средби, а Естонија е со три победи и само еден пораз, но калкулациите покажуваат дека избраниците на селекторот Александар Јончевски уште имаат шанси да се борат за место на завршницата.
Естонија победи со 74:69 во Скопје, што значи дека Македонија сега не само што мора да победи, туку тоа треба да биде и со повеќе од пет поени разлика. Македонските репрезентатвци полни со оптимизам заминаа на ова гостување, а сега останува на теренот во Талин да покажат квалитет и да ѝ парираат на домашната селекција.
Главните адути на Македонија ќе бидат од надворешните позиции, каде што треба да доминираат Ненад Димитријевиќ и Ти Џеј Шортс. Овие двајца се главни и во своите екипи кои играат во Евролигата, па токму во бековскиот двоец Македонија ја гледа шансата да изненади. На страната на Естонија ќе биде висината и борбата под кошевите, каде што се очекува да доминираат домаќините.
Македонија победи на последното гостување кај Естонија, а тоа беше точно пред четири години, кога на 22 февруари 2021 година нашата репрезентација победи со 86:84. Сега не само што Македонија мора да победи, туку тоа треба да биде со разлика поголема од пет поени.