Сонот за ЕП заврши во Талин: Македонија со дебакл се враќа од Естонија

Кошаркарската репрезентација на Македонија ги загуби и теоретските шанси за пласман во Европското првенство, откако загуби на гости од Естонија со 84-65. На континенталните собири нѐ нема веќе 10 години, а следното Европско првенство се игра во 2029 година.

Македонија беше на нивото во првиот дел, па откако го загубивме првиот период со 22-17, направивме пресврт и заминавме на паузата со водство од 38-39. Сепак, во вториот дел комплетно се распаднавме и му дозволивме на противникот да диктира темпо и резултатски да доминира. Естонија не само што брзо направи пресврт, туку отиде и на највисоки +10 пред крајот на третиот период, а таа предност растеше и во последната четвртина.

Естонија во финишот од натпреварот имаше и највисоки 21 поен разлика и знаеше како да го приведе мечот во своја корист. Очекувано, најдобри стрелци во нашата репрезентација беа Ти Џеј Шортс со 21 поен и Ненад Димитријевиќ со 20, а свој придонес имаше и Андреј Маслинко со 15 поени.

Последниот натпревар од квалификациите за Европското првенство за Македонија е оној против Полска на домашен терен во понеделник.

- Оглас -

Најнови вести