Македонската кошаркарска репрезентација синоќа загуби од Естонија на гости во Талин и ги загуби шансите за пласман на Европското првенство. Овој меч можеше да се проследи само на кабловската телевизија Спорт клуб која ги има правата за квалификациите во кошарка. Српски коментатор ги пренесуваше случувањата на теренот во Талин, нешто на кое се навикнавме во последните неколку години, да следиме македонска репрезентација, но да нема коментатор на македонски јазик.
Сепак, според најавите, тоа конечно ќе се смени и за брзо време треба да има спортски канал на македонски јазик. Тоа треба да биде Арена спорт на македонски.
Ова станува уште пореално посебно откако претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ имал работна посета во Белград, каде една од темите била од следната сезона Арена Спорт ги има ексклузивните права и да ги пренесува натпреварите од прва фудбалска лига и тоа со отворено студио и анализи, во различни термини како што прават останатите држави на Балканот.
Омерагиќ во Белград разговарал и за тоа од следната сезона, телевизијата Арена Спорт да има ексклузивни права за македонскиот фудбал и да пренесува натпревари од ПМФЛ како и од Купот на Македонија. Сезонава, Спорт Клуб ТВ има права за ПМФЛ, но оваа телевизија веќе е купена од страна на Арена.