Ван Перси промовиран во нов тренер на екипата која е големо изненадување во Лига на шампиони

Легендарниот холандски фудбалер Робин Ван Перси доби нова тренерска работа. Ван Перси си заминува од клупата на Херенвен, за да го прифати предизвикот да го води тимот на Феенорд.

За Ван Перси ова ќе биде враќање дома, затоа што тој како тинејџер, од 13-тата година дојде во школата на Феенорд, а токму таму ја започна и тренерската кариера.

„Сите знаат колку е посебна мојата врска со Феенорд. Многу сум среќен што ќе работам со оваа група на фудбалери“, рече Ван Перси по потпишување на договорот.

Феенорд сезонава е едно од најголемите изненадувања во Лига на шампиони откако не само што успеа да влезе во нокаут фазата, туку во двомечот и да го елиминира италијанскиот гигант Милан. Следниот ривал во елитната лига на УЕФА за Феенорд ќе биде вториот милански тим, шампионот Интер.

Ван Перси како фудбалер имаше одлична кариера посебно играјќи за Арсенал и Манчестер јунајтед. За Топчиите одигра 278 натпревари во кои постигна 132 погодоци, додека како член на Црвените ѓаволи од „Олд Трафорд“ во 105 средби постигна 58 голови. Во репрезентативниот дрес на Холандија одигра102 средби во кои постигна точно 50 погодоци.

- Оглас -

Најнови вести