Ливерпул со 3-1 победи во Минхен против Баерн и го комплетираше одличниот биланс на англиските екипи во осминафиналните пресметки со германски ривали оваа сезона. Дури три англиско-германски двобои имаше и резултатот е 3-0 за Англија.
Тотенхем двапати ја победи Борусија Дортмунд, а Манчестер сити го понижи Шалке со вкупни 10-2. Вечерва дојде ред и германскиот првак Баерн Минхен да падне. Ливерпул среде Минхен победи со 3-1 и оди понатаму, откако на „Енфилд роуд“ беше 0-0.
Ова е првпат по 13 години во четвртфиналето да нема ниту една германска екипа, додека за првпат точно по 10 години меѓу најдобрите осум екипи, четири се од Англија.
Во борба за големиот сребрен трофеј останаа: Манчестер јунајтед, Ливерпул, Тотенхем и Манчестер сити, како и Барселона, Јувентус, Порто и Ајакс. Во таа сезона 2008/09, во финалето играа Барселона и Манчестер јунајтед, двата клуба кои и сега се дел од четвртфиналето.
Ждрепката за четвртфиналето ќе биде в петок, во Нион.