Тренерот на Фенербахче, Жозе Мурињо, се соочува со можност за шестмесечна суспензија поради наводни расистички коментари по истанбулското дерби против Галатасарај, пренесуваат турските медиуми.
Познат по својот темперамент, португалскиот стратег наводно упатил навредливи изјави кон клупата на противничкиот тим, споредувајќи го нивното однесување со „скокање како мајмуни“.
Дополнително, тој го критикувал судењето, навредувајќи ги домашните судии, иако натпреварот го водеше словенечкиот судија Славко Винчиќ.
Галатасарај вчера објави дека ќе покрене судска постапка против Мурињо и ќе поднесе жалби до УЕФА и ФИФА. Фенербахче, пак, ги отфрли обвинувањата тврдејќи дека изјавите на Мурињо се извадени од контекст и не се расистички. Клубот најави дека ќе преземе правни мерки против овие тврдења.
По натпреварот, завршен без голови, Мурињо им честитал на судиите, што предизвика реакција од тренерот на Галатасарај, Окан Бурук.
Бурук изјави дека Мурињо постојано се жали и дека продолжил да се жали и во соблекувалната. Овој инцидент дополнително ги влоши односите меѓу двата клуба, кои се главни ривали во турската Суперлига.
Ова не е првпат Мурињо да биде во центарот на контроверзии во Турција. Претходно, тој доби едномесечна суспензија поради коментари по натпреварот против Трабзонспор. Исто така, неговите критики кон судењето доведоа до тоа Фудбалската федерација на Турција да назначи странски судија за дербито меѓу Фенербахче и Галатасарај, што е преседан во турскиот фудбал.