Вардар со 1:0 го победи Силекс во четвртфиналето од Купот на Македонија, а по завршувањето на средбата имаше незадоволство кај гостинската екипа. Кратовци се жалеа дека се оштетени од судиите и дека неколку битни одлуки биле донесени на нивна штета.
По вчерашната реакција од Силекс, денеска со соопштение прво се јавија од Фудбалската федерација на Македонија, а сега стигна реакција и од Вардар, која ви ја пренесуваме во целост:
„Вардар не сака и нема да навлегува во расправии со примитивни и провинциски структури на фудбалското подземје и обложувачката мафија во Македонија собрана во кратовскиот прволигаш.
Злоупотребата на истоимената телевизија од истоимениот клуб на феудалната фамилија е работа на немоќ и безидејност. И се коси со кои било новинарски стандарди, норми и морал.
За жал по Силекс, дојдено е времето на ‘новото нормално’ на кое ќе треба да се привикнат, односно време каде што нема нарачки на подобни судии кои треба да го обезбедат резултатот што спортски не можат и не заслужуваат да го постигнат.
Како што беше случај есеноска, кога на Арената ни дадоа гол од офсајд во 95-тата минута кој беше поништен, а потоа по долги ‘консултации’ беше признат. Вардар тогаш не плачеше, се сврте кон себе и кон решавање на своите проблеми. Плачењето им го остави на размрсулавените плачковци.
Фактите кажуваат дека ФК Вардар вчера имаше посед на топка од 75%, 15 шута, од кои 8 во рамките на голот и 6 стоотстотни шанси. Нашиот противник Силекс од Кратово, предводен од луѓе што го финансираат клубот од фиксирање натпревари и кои своевремено го испаднаа Пелистер од првата лига, немаа ниту еден удар во рамките на нашиот гол.
Единствената грешка што вчера ја направи нашата екипа е што не му даде 3-4 гола на Мали Ѕинго. Затоа со душа ја чекаме средбата што меѓу нас и нив ќе се одигра во третиот круг од прволигашкото натпреварување, каде што на терен ќе се покаже кој е кој.