Еурофарм Пелистер загуби во Берлин и остана без шанси за осминафинале во ЛШ

Македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер претрпе пораз на гостувањето кај Фуксе Берлин со 29-39 и на едно коло до крајот на лигашкиот дел (останува уште меч со ПСЖ дома на 6 март) остана без теоретски шанси за пласман во осминафиналето.

Битолчани вечерва беа во подредена улога. Поведоа со 1-0, а тогаш домашните направија серија од 7-0 за предност од 7-1 и го најавија поразот на македонскиот тим кој на полувреме замина со достижни три гола негатива. Пелистерци во вториот дел се доближија на 18-20, но тогаш Германците дадоа четири гола по ред и побегнаа на плус 6, кршејќи го отпорот, а на крајот победија дури и со двоцифрена разлика.

Данецот Гидсел и Лангхоф со по 9 гола беа предводници на тимот од Берлин, а Кузмановски со 7 голови беше најефикасен кај Е. Пелистер.

- Оглас -

Најнови вести