Фудбалскиот клуб Вардар заработи казна од 2.500 евра за користење пиротехнички средства од страна на навивачите на мечот од 14-тото првенствено коло против градскиот ривал Шкупи. Од раководството на клубот реагираат дека на овој начин не се сака Вардар, туку само се нанесува штета.
„На сметка на АД ФК Вардар пристигнаа за наплата 153.750 денари како казна од страна на ФФМ за дивеење со пиротехника на неодговорни навивачи на натпреварот Вардар – Шкупи (14-то коло). На овој начин, таквото ‘навивање’ директно ги оштетува фудбалерите на нашиот клуб. Како илустрација, за користење на целиот стадион за еден натпревар, плаќаме кон ‘АД за изградба и стопанисување со стамбен и деловен простор’ 145.258 денари. Тоа значи дека пиротехниката прави еден натпревар двојно да биде поскап. На тој начин Вардар не се сака, туку се оштетува“, се вели во соопштението на ФК Вардар.