Во НБА лигата се одиграа 10 натпревари, кој од кој поинтересен. Главното дерби се одигра во Бостон и ги оправда очекувањата, во спектакуларната битка на најдобрите два тима на Истокот, Кливленд кавалирс ги совлада Селтикс со 123-116.
А, првите минути од мечот не најавуваа таков расплет. Бостон тргна фуриозно и поведе со 25-3. Но, Коњаниците се освестија и почнаа да ја топат негативата, а во последната четвртина и го презедоа водството и победија на крај. Донован Мичел со 41 поен беше предводник на Кавалирс. Кај Бостон феноменален беше Џејсон Тејтум со 46 поени, 16 скока и 9 асистенции.
Детроит со серија од осум победи по ред влезе оптимистички во дуел со Денвер, но Нагетс победија со 134-119. Мареј имаше 31 поен, Портер 28, а Јокиќ „само“ 23 поени, но и 17 скока и 15 асистенции за нов супер трипл-дабл. Нагетс со победата избија на второ место на Западот.
Во Лос Анџелес се одигра градско дерби во кое Лејкерс беше подобар од Клиперс со 106-102. Лука Дончиќ на својот 25-ти роденден уфрли 31 поен и заедно со Леброн Џејмс кој имаше 28 поени и 13 скока, беа најзабележителни поединци во победничкиот тим. За Езерџиите тоа беше петта победа по ред.
Чикаго по продолжение го победи Торонто со 125-115, тесно беше и на Јута – Минеситс (победа на Џезерите од 117-116), а лидерот на западната конференција, Оклахома сити беше убедлив против Атланта со 135-119.
Неверојатна драма и инфаркт завршница имаше во Мемфис каде победи Њујорк никс со 114-113. Во последните 24 секунди од мечот, екипите трипати се менуваа во водство. Погледнете:
KNICKS BEAT GRIZZLIES IN WILD ENDING 🍿🤯 pic.twitter.com/BnQb6xjm79
— Bleacher Report (@BleacherReport) March 1, 2025