Александар Стефанов и официјално е наследникот на Живко Мукаетов на претседателската функција во Ракометната федерација на Македонија. Собранието на РФМ на кое присуствуваа 48 од 51 делегат, ја донесе оваа одлука едногласно. Мукаетов после 12 години ја напушта фукцијата, бидејќи според Статутот немаше право повторно да се кандидира.
Стефанов е бизнисмен и дел од раководството на РК Бутел, а пред делегатите на Собранието ја презентираше својата програма.
„Сакаме да направиме чекор напред, да изградиме систем што ќе обезбеди одржливост за сите нивоа во ракометниот спорт. Мојата програма се состои од неколку столба. Пред сѐ, да работиме на основната инфраструктура. Во план е изградба ракометен дом на РФМ што ќе ги згрижи младинските и сениорските категории и чинтели во ракометот што ќе имаат потреба од спортска сала. Мултифункционален спортски центар, фитнест, канцеларии и друго. Акцент мора да ставиме на женскиот ракомет, промоција преку социјални медиуми, оранизирање на трибини, семинари…
Формирање на лига за мини ракомет под покровителство на ЕХФ, на целата територија, со лобирање во школите за да ги продобиеме децата да се одлучат за ракомет. Финансиски, иднината на федерацијата е во сигурни раце, веќе разговарав со повеќе компании кои се подоготвени да помогнат. Планираме софтвер што треба да се примени од следната сезона со што административната и процедуарлната работа би се олесниле и процедурите би се скратиле. Не би должел, Ви благодарам за поддршката, благодарност на сегашното раководство кое ми овозможи да стекнам искуство и знаење во работата во ракометот.“ – рече новиот претседател на РФМ, Александар Стефанов.
Иако се најавуваше дека долгогодишниот спортски работник, Драган Начевски, ќе биде негов противкандидат, сепак, тој се повлече, а ја образложи и својата одлука.
„Ова го правам за да нема поделби во македонскиот ракомет, мораме да биде единствени и да го задржиме ракометот како спорт број еден. Мојата кариера како делегат завршува во јуни, па ове е моето последно учество на Собрание на РФМ. Ви благодрам на сите за поддршката.“ – рече Начевски.